Живко Чинго „ Големата вода “

За животот на Живко Чинго

 

Чинго е роден во селото Велгошти, Охридско, 1935 година, каде го започнува своето школување, а го продолжува во Охрид и во Скопје. По завршувањето на Филозофскиот факултет работи како професор во гимназијата во Охрид. Потоа доаѓа во Скопје и работи во весниците: „Студентски збор“, „Млад борец“, потоа во РТС, во Центарот за политички студии, во Републичкиот комитет за култура. Исто така, бил советник во Министерството за култура и директор на МНТ. Добитник е на највисоките македонски и југословенски награди. Пишувал раскази, романи и драми. Збирките раскази: „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“, „Семејството Огулиновци“; романите: „Сребрените снегови“, „Големата вода“, „Ал“ и „Бабаџан“ и драмите: „Четирите прекрасни годишни времиња“, „Образов“, „Сурати“, „Работници“, „Под отворено небо“, „Кенгуров скок“. Починал во Скопје, 1987 година.

Големата вода“ (аудио)’ Слушнете го аудио-записот на текстот што следува.

Големата вода

 

„Големата вода“ е модерен роман во кој раскажувањето е предадено преку главниот лик, Лем.
Темата во романот е животот на децата, воени сирачиња, во Домот за сираци „Светлост“, веднаш по завршувањето на Втората светска војна.
Идејата е да се даде остра критика на погрешното сфаќање за начинот на градењето на личноста во Домовите, на погрешниот воспитно-образовен процес во едно постојано и долго чекање да се изградат почовечки, вистински односи меѓу луѓето. Авторот ќе каже: „Не запомнав друго место каде толку бргу умира детството“.
Тоа е роман за вечната борба на човекот со сите мрачни сили кои се обидуваат да го расчовечат, борба на животот со смртта, на светлината со мракот, на големата вода со ѕидот.
Насловот – големата вода, има симболичко значење и ја означува слободата. Покрај неа се јавува ѕидот, кој ја ограничува таа слобода. Сентерлевиот рид, кој, исто така, често се јавува како мечта на децата која треба да ја достигнат – ја претставува недостижната слобода.
Дејството се случува во Дом за воени сирачиња од 1946 до 1949 година.

 

Содржина на романот „Големата вода“

 

Раскажувањето на главниот јунак, Лем, започнува со претсавувањето на неговиот најдобар другар, Исак, Кејтеновиот син. Тој ги најавува убавите моменти поминати со него и гордоста што познавал еден таков човек. Најавува дека ќе раскажува за часовите минати во Домот сè до оној момент кога ќе успеат да стигнат до Сентерлевиот рид. И самиот кажува дека е тоа некој непознат рид, рид од каде се раѓа сонцето, многу стрмен, речиси недостижен, но најпосакуван од сите домски деца. Патот до него е патот до слободата.
Во продолжение ја опишува првата пролет по ослободувањето и доаѓањето во домот:

„Ние бевме една тажна толпа гладни и нечисти деца, бездомни. Лоши, црни малечки гадови, како што нѐ викаа добрите воспитувачи. Уловени по полињата, по шумите, по плевните, по карпите, по големиот снег. Проклет да бидам, ние не се дававме. Сигурно не знаевме дека ќе нѐ носат во дом, под покрив, во кревет, дека ќе ни дадат топло кафе со џем и парче леб, дека тоа го прават за наше добро, за да не згрижат и сите тие смрдливи работи што до ситница се предвидени со домскиот ред. Со закон, проклет да бидам.“

Во овие зборови се чувствува многу горчина, многу иронија упатена кон „добрите“ воспитувачи и закони што владеат во домот. Лем раскажува и за сопственото „фаќање“ за да го однесат во домот. За него се грижел вујко му, Илко Костадиноски, но поради сиромаштијата и под притисок на жена му („златната вујна“ Кола Костадиноска), тој бил принуден да го даде Лем во дом. „Само“ седум дена Лем се криел во амбарот да не го земат, но како што вели, потоа сам им се предал, сам тргнува во зандана.
Во Домот, како на примерно дете, му го доделуваат Кејтеновиот син за другар од стројот и тој треба да одговара за него:

„Проклет да бидам, тој како да не беше во стројот, како да не одеше по тој грутчест, трапчест полски пат. Се колнам, тој како да не беше на земја.
Л е т а ш е , божем целото поле, целиот простор беше негов. Проклет да бидам, тој беше далеку од тоа пусто, кално поле, далеку од црната колона несреќни, кротки како јагниња деца.“

Лем е воодушевен од отворениот дух, од полетноста и нескротливоста на Кејтеновиот син. И покрај строгите казни од воспитувачите, особено од Оливера Срезоска и Аритон Јаковлески („татенцето“), тој не се предава, туку го живее сонот за големата вода и Сентерлевиот рид, сонот кој му го пренесува и на Лем.
Правилата во домот создадени и спроведувани од воспитувачите се немилосрдни. Тоа се ред, дисциплина и казни: рано наутро во строј, подредени, без ниту еден да биде понапред или поназад, погледот устремен право во челото на Аритон Јаковлески (ни погоре ни подолу), смрзнати, голи, со мраз во душата прават утрински вежби за загревање, преку целиот ден послушност, поткажување на непослушните, предавство – а како награда се добива парче хартија со добра карактеристика. Покрај лошиот однос на воспитувачите, ѕидот со кој е опкружен целиот дом, високиот ѕид без ниту едно дупче, е најстрашното нешто за децата, затворени, опкружени со страв, без можност да ѕирнат кон големата вода, кон широчината, кон слободата.
Аритон Јаковлески бил специјално одреден во домот за деца по негово барање, од љубов кон таа работа. Времето го минувал самотно, без дружба со другите вработени, единствено бил со своето куче Андруша. Тој сè уште одел со војничка униформа, со титовка и црвена петокрака. За него, како војната да не била завршена. Тој имал нови задачи – задачи да ги изведе кутрите душички на прав пат. Во иронија Лем, вели:

„Татенцето беше редок во тој поглед, мислеше со рацете. И со десната и со левата, но тој можеше да биде и помисловен, не еднаш се случуваше со двете да проработи. Се разбира тоа при особени случаи, кога беше расположен за шеги.“

Едно такво „шегување“ му се случува на Лем и на неговиот другар Исак. „Шегата“ започнува со долгото вртење на Аритон околу дрвото и гледање кон нив, па со силен удар глава од глава, па со „мислење“ со десната, па со левата рака преку ушите, со мачно испрашување и заканување, со уште една десна и уште една лева, со крв преку лицето, со кутнување на земја. Но, Исак не се предава. И покрај силните удари, тој не паѓа на земја, и покрај болката и преколнувањето од другите деца да падне и така да се спаси, тој не паѓа:

„Од тој ден Кејтеновиот син беше л и ч н о с т во домот. А таков, најблаго речено, не беше пожелен во тоа време. Во домот никој не смееше да има своја волја, свои мисли. Колку тоа ќе се разбереше побргу, толку страдањата беа помали, успехот подобар. Карактеристиката одлична.“

По случката, за казна, Лем е одделен од Исак и на ниедно место не смееле да бидат видени заедно.
Во продолжение е опишана аудицијата, изборот на таленти, случување кое го разбранувало Домот, според Лем, циркусот на секакви чудни поети, артисти, оперски пејачи, балерини, свирачи. Секое од децата подготвувало своја точка, за да го покаже својот талент. Тоа се среќните мигови во Домот, мигови кои децата посакуваат да траат вечно.
И покрај забраната, еден ден, Исак доаѓа кај Лем и го води на најскришното и најпосакуваното место. Високо на поткровјето, далеку од сите очи, Исак пронашол отвор од кој се гледала големата вода. Гледајќи ја водата, тие се чувствуваат убаво, ослободено и кај нив повторно се раѓа надежта за слободата. Многу ноќи поминуваат таму, гледајќи во водата и уживајќи.
Следната поголема работа што се случува во Домот е несреќата со вошките. Нечистотијата и сиромаштијата го направиле своето. Вошките се вовреле насекаде, од спалните до кујната. Чешањето постепено станувало неподносливо, грозно, чешање до крв. Единствен излез од вошките била наредбата за општо и до кожа стрижење. Децата ги носат двајца по двајца до брегот и како јагниња, покорно ги легнуваат под ножиците. Тие денови, бидејќи немало доволно облека, децата остануваат полуголи, во гаќи. Такви истрижени и голи долго време не можеле да се распознаат меѓу себе.
Строгоста и суровоста на другарката Оливера Срезоска е опишана преку случката на исчезнатите гаќички. Таа повеќе се грижела за девојчињата, но во нејзини раце паѓале и другите деца, кога Аритон Јаковлески ќе смета дека заслужуваат поблага казна. Но, казните на Оливера Срезоска воопшто не биле благи и сите деца се плашеле од неа. Таа постепено станала мајстор за казни, бидејќи обичните, евтините казни повеќе на ја задоволувале.
Спортските, црвени, крос-гаќички што Оливера ги носела само во специјални прилики, ги снемало. На нејзиниот бес и гнев сите му се тргале од патот. Прво ги построила сите девојчиња во дворот, девојчињата кои најчесто оделе без или со многу износени и искинати гаќи. Откако тие немаат што да ѝ кажат за исчезнатите гаќички, таа темелно ги претресува сите соби и на крајот ги заклучува девојките голи во мијалницата, додека не се решат да ѝ кажат сè што знаат. Машките остануваат покрај ѕидот да се молат за девојчињата кои поради студената и влажна мијалница уште истата пролет проплукале крв. Многу подоцна, некој ги пронашол гаќичките во кујната каде ги употребувале за мивки. Но, Лем не може да ѝ прости, а ја замразува од дното на душата Оливера Срезоска, кога таа не можејќи да го запре смеењето на Кејтеновиот син, го боде со перодршка по целото лице, а потоа и по рацете кои се обидувале да ги засолнат очите. Од присутните на крајот таа добива и поддршка со ракоплескање, а само Лем плаче и вика по своето другарче. Тогаш Кејтен го затвараат во подрумот, а Лем знае дека ако брзо не направи нешто, тој ќе умре. Затоа пишува расказ со кој оди кај единствениот добродушен наставник, Трифун Трифуноски, занесеник по пишувањето, божем да го процени неговиот талент, а всушност да моли за ослободување на другарот. Кога Кејтен го вадат од подрумот, тој е полумртов, уште поосамен, потажен и туѓ. Воопшто не се радува на слободата. Таму со денови одбивал храна и вода и сакал да остане глувците да го изедат:

„Кејтеновата болест сосема ме зароби. Не ги видов ниту пролетта, ниту летото, ниту зимата, кога дошле. Чинам заедничка беше таа болест. Проклет да бидам, з а е д н и ч к а. Очевидно, некоја лоша, страшна треска, страв, ја изгоре неговата душа. Целото лице, глава, раце, нозе, насекаде по телцето му беа исфрлани темни, црни, малечки болчиња. Толку векови не го отвори своето светло око. Лежеше во сон, во некој чуден, долг сон. Проклет да бидам, илјада векови траеше неговата болест.
Спасот дојде од една страна, неочекувано.“

Спасот, всушност е Аритоновата жена, која ретко се појавувала. Таа дошла до неговото креветче и го фатила за рака. Мајчината љубов го излекувала Кејтеновиот син.
Децата во Домот секојдневно се бореле за добивање на добра карактеристика и како одминувало времето, тие сè повеќе и со сите средства се труделе да се здобијат со карактеристика. Кејтеновиот син, во Домот дошол без карактеристика. Неговото однесување, неговата постојана желба за слобода го прават лош, го обележуваат. Но, по оздравувањето, тој малку се променува, почнува да глуми послушност и да се здобива со позитивни карактеристики. Тоа не му се допаѓа на Лем, зашто знае дека е лажно и лицемерно, а на тој начин и самиот ја губи надежта.
Потоа, Кејтен учествува во изведба на претставата „Ранетиот партизан“, каде го глуми партизанот, а Методија Гришкоски, детето со најдобри карактеристики, се сложува да го глуми бугарскиот фашист, бидејќи така му се пружила можност јавно да го истепа Кејтен. Толку се соживува со улогата, што со чизмата гази врз неговиот врат и зема јаже за да го обеси. Итриот Кејтен, успева со умешност на вистински актер, веќе сериозно повреден, со раскрвавени раце да ѝ се обрати на публиката, надвор од текстот на претставата:

— Другари умирам. — Да живее слатката слобода. Да живее Револуцијата. Долу тиранијата, смрт на фашистите.

На оваа реплика Аритон реагира многу бурно, скокнува врз кутриот Методија Гришкоски со вперен револвер. Тогаш се вмешал професорот по географија (Метеорот), кој божем го фатил фашистот за гуша и на тој начин го потсмирил „татенцето“.
Од обична претстава настанала вистинска драма во која најмногу настрадал Методија Гришкоски кому во тој момент му биле избришани сите добри карактеристики. Затоа тој му подготвувал на Кејтеновиот син одмазда и го прател во секој чекор. Тоа се случило зимата, кога децата ги растоварале дрвата. Кејтен земал едно дрво и некаде го скрил. Методија постојано го прател и набљудувал и на крајот напишал реферат во кој го опишал секој чекор од кражбата на дрвото. Пред стројот од децата, по прочитаниот реферат, Кејтен бил повикан да каже сè за својата кражба. Тој негира дека нешто украл, а парчето делкано дрво Аритон му го покажува пред очи, го тепа, го обвинува и го прашува за што му било дрвото. Храбро и дрско, Кејтен упорно кажува дека ништо не украл. По извесно молчење, со наведната глава, тој почнува да плаче, да липа, и едвај земајќи воздух, одговара:

— Сакав да направам мајка.

Оваа случка го скршува „татенцето“. Тој му го враќа делканото дрвце на Кејтен, сосема омекнувајќи и сфаќајќи ги своите грешки во односот кон овие деца, чија единствена желба е да имаат некој близок, да имаат родители, да имаат мајка.

Во романот безброј пати е употребена фразата „Проклет да бидам“. Авторот на тој начин ни го сугерира проклетството на домскиот живот, проклетството на таквото детство – недетство. Во ниту еден момент не можеме да избегаме од проклетството, од ужасот, од тешкото чувство на растењето во невозможни услови. Постојано нè притиска сожалувањето, осудата, но и желбата ние да бидеме подобри. Затоа, иако романот е постојано во темни, мрачни расположенија, не предизвикува песимистички чувства.

Предлог-писмена работа за „Големата вода“

 

Ликови

 

Поделбата на ликовите во романот е поделба на деца и на возрасни. Некои деца се во светот на возрасните, како Методија Гришкоски, а некои возрасни се во светот на децата – Трифун Трифуновски.

Лем е главниот лик во романот, раскажувач на случките и на сопственото детство и растење во Домот. Тој доаѓа во Домот како дванаесетгодишно момче, со завршено само едно одделение. Се потпишувал со Ем, бидејќи не ја сакал и не ја научил буквата л, која го потсетувала на нешто лошо. Единствено „образование“ добил од дедо му – богат речник од вулгарни зборови. Неговиот вујко го дава во дом.
Во неговите очи Домот е зандана, тврдина на злото, мочуриште, пекол, во кој децата се препуштени на милост и немилост на група нечовечни воспитувачи. Наместо Домот да биде заштита, место каде тие ќе се чувствуваат згрижено, каде ќе ги учат и поттикнуваат добрите човекови особини – домот е токму спротивното. Тоа е ѕидина без излез, валкано, вошливо место, а најрозачарувачко е однесувањето на воспитувачите кон кутрите осамени душички. Тие децата ги третираат како гнасни суштества, како нивни непријатели. Им го рушат достоинството, им го расипуваат карактерот, им ја грдат душата. Од ваквите чувства, Лем, а и другите деца се обидуваат да побегнат преку сонот за големата вода, за Сентерлевиот рид – за сè што значи бегство, па макар и во мислите. Сонот, мечтите и желбите не можеле да им бидат одземени од никого, па ни од воспитувачите. Покрај сите црнила на домот, сите преживеалици, уништеното детство, сепак крајот е оптимистички зашто големата вода доаѓа.

Посебно место во животот на Лем зазема Исак, другарот од стројот, кој му го доделиле да се грижи за него и неговото однесување. Исак, Кејтеновиот син, Лем веднаш го засакува заради неговата добрина и заради способноста со мислите и фантазијата да обезбеди убаво и сигурно место за живеење. Тој ја измислува големата вода и Сентерлевиот рид, го оживува неговиот сон и го пренесува на сите деца. Тој е многу храбар, единствен им се спротивставува на воспитувачите, издржлив, достоинствен. Кејтеновиот син не ја продава својата душа, не се грижи за здобивање со позитивни карактеристики, не може да биде лицемерен како другите. Цврсто стои на своите ставови без разлика во каква неприлика го доведуваат. Со овие особини, тој е веќе изградена личност, возрасен човек. Но, сепак, на крајот, го гледаме како дете на кое му недостига мајката, разнежнет, длабоко чувствителен.

Наспроти децата, кои се олицетворение на добрината, на чистото и невиното, претставени се возрасните, кои во желбата за себедокажување и неостварени лични соништа се истураат врз она што можат. Меѓу нив, најмногу се истакнуваат другарот Аритон Јаковлески (татенцето) и Оливера Срезоска.

Аритон Јаковлески, управителот на Домот, како учесник во Револуцијата, се однесува како божем сè уште војната не е завршена. Децата за него се непријателите кои треба да се изведат на вистинскиот пат. Неговиот систем на образование и превоспитување е премногу суров, навредлив, омаловажувачки и често со примена на физичка сила. Без соодветно образование, без искуство во педагошка работа, тој не знае за поинаков начин на воспитување. За среќа, на крајот тој ја сфаќа својата грешка и за него има надеж. Кога ќе им се доближи и кога ќе почне да ги сфаќа децата, тој ќе може вистински да им се посвети и вистински да си ја извршува својата работа.

Не помалку внимание авторот ѝ посветува на другарката Оливера Срезоска, помошник на управителот на Домот. Таа е типичен лош наставник, применува непедагошки методи и ужива да ги казнува и омаловажува децата. Нејзино најголемо задоволство е да измислува нови казни и да го гледа страшниот ефект од нив. Таа не може и не сака да ги разбере децата. Нејзиниот однос предизвикува само омраза.

Scroll to Top