Почетна » светска литература » стара литература » „ Царот Едип “ од Софокле (раскажана)

„ Царот Едип “ од Софокле (раскажана)

Врз основа на митот за Едип (Ојдип) и неговата трагична судбина, Софокле ја напишал својата трилогија: „Царот Едип“, „Едип во Колон“ и „Антигона“.

Прочитај повеќе за Софокле

Види ја кратката содржина на Митот за Едип во видеото:

Царот Едип

„Царот Едип“ е трагедија, чија тема е откривањето на трагичната судбина на главниот лик, а идејата дека не може да се избега од прореченото.

Дејствието се случува во царскиот двор во Теба (Тива), каде владее Едип со својата сопруга Јокаста.

Ликовите во драмата се:

Едип – цар на Теба;

Јокаста – негова жена;

Креонт – брат на Јокаста;

Тирејсиј – пророк и гаталец;

Свештеник на богот Зевс;

Гласник од Коринт;

Овчарот на царот Лај, таткото на Едип.

Содржина

Во првиот чин (експозиција) се најавува несреќата што ќе се случи.

Пред дворецот на Едип се собираат луѓе, а свештеникот на Зевс говори во нивно име и го моли Едип да помогне и да ја спречи чумата што завладеала во градот. Бидејќи Едип, пред многу години го спасил градот од поморот решавајќи ја загатката на Сфингата, луѓето се убедени дека тој може тоа повторно да го стори. Затоа него го молат за помош.

Доаѓа Креонт (братот на Јокаста), кого Едип го пратил во светилиштето на Аполон за да ја дознае причината за поморот – и тој кажува дека спас е единствено да се открие убиецот на кралот Лај (стариот крал, таткото на Едип) – да се казни или протера. Едип пред сите ветува дека ќе го пронајде убиецот и дека ќе го казни.

Во вториот чин Едип сите ги распрашува за убиството на Лај, а оние кои не сакаат да кажат – ги проколнува. Тогаш го советуваат да го повика пророкот Тирејсиј кој може да открие вистината. Тирејсиј му кажува дека тој е убиецот на Лај – татко му, дека е оженет со својата мајка и дека неговите деца истовремено му се и браќа и сестри. Едип се разлутува и не може да поверува во таквата сторија и му кажува на Тиресиј дека тој не е никаков пророк, туку обичен глупак.

И хорот е на страната на Едип, верувајќи во неговата чесност и мудрост.

Ваквото пророштво Едип си го објаснува дека е наместено од страна на Креонт – за да го оцрни и тргне од престолот.

Во третиот чин Едип го повикува и обвинува Креонт за заговор. Но, тој му одговара дека воопшто не е заинтересиран за престолот, дека ужива во царскиот дворец без обврски и си заминува не сакајќи да му се покори на Едип нарекувајќи го „лоша власт“ која ги обвинува невините.

Јокаста се обидува да ја спречи кавгата, а откако си заминува Креонт, таа му раскажува на Едип за Лај и пророштвото дека ќе биде убиен од својот син. Три дена по раѓањето, Лај го однел детето во планината каде веројатно умрело. Исто така, таа вели дека Лај е убиен од разбојници, а не од синот, па затоа Едип не треба да му верува на пророкот.

Наместо да го смири, оваа приказна уште повеќе го вознемирува Едипа. Тогаш тој ѝ го кажува пророштвото за себе: дека ќе го убие сопствениот татко и дека ќе се ожени за мајка си. Иако веќе почнува да чувствува дека има вистина во зборовите на пророкот, тој сепак ветува дека ќе го фати убиецот и ќе го казни.

Тој продолжува со истражувањето и го повикува робот за точно да му каже како умрел Лај. Кога слушнал дека не го убиле разбојници, туку еден човек, сомневањата кај Едип уште повеќе се зголемуваат.

Во четвртиот чин се прикажани страдањата на Едип, сомнежите кои стануваат реалност и кои му го раскинуваат срцето.

Тогаш доаѓа гласник од Коринт кој му кажува дека умрел татко му, кралот Полиб и го повикуваат да дојде таму. Едип одбива надевајќи се дека така ќе ја спречи проречената судбина. Но, тогаш гласникот му открива дека Едип бил посвоен, дека тој кога бил овчар, од друг овчар на царот Лај земал дете и им го дал на кралот и кралицата на Коринт, кои биле бездетни.

За сосема да ја разоткрие вистината, Едип го повикува овчарот на Лај, и во петтиот чин се дознава целата вистина. Едип очајува и проколнува, но не може да избега од стореното.

Во шестиот чин сѐ завршува. Завршува животот на Јокаста која се обесила не можејќи да живее со сознанието дека била мажена со сопствениот син и со него изродила деца. Завршува среќата, надежта и иднината на Едип. Тој самиот се прогонува од Теба, а за да се казни построго – со игли си ги прободува очите, за повеќе да не гледа. Да не ги гледа своите деца, градот, народот, па ни мртвите родители во другиот свет – зашто е најголемиот грешник.

Креонт останува во Теба и ветува дека ќе се грижи за децата.

Прочитај предлог писмена работа за ликот на Едип

 

Scroll to Top