Почетна » светска литература » стара литература » Софокле – живот и творештво

Софокле – живот и творештво

Софокле е роден 496 година пред нашата ера во Колон, а починал 406 година п.н.е. во Атина. Живеел 90 мирни, спокојни години. Тој се смета за еден од основоположниците на трагедијата како драмски вид, не само во старата грчка туку и во европската литература.

Својата кариерата на драмски автор ја почнал кога имал околу 27 години. Во 468 година се пријавил на натпреварот за најдобро драмско дело и го освоил првото место пред Есхил, кој тогаш бил познат и признат трагичар. Всушност, Софокле бил тој што го предизвикал на натпревар Есхила, и успеал да го победи.

Еден период, Софокле активно учествувал во политичкиот и општествениот живот на Атина. Бил пријател со Перикле и одржувал пријателски врски со многу поети и уметници во тоа време. Животот го поминал, главно, во Колон и во Атина, и му бил исполнет со семејна среќа и незначителни успеси. Кога починал, бил погребан во семејната гробница. Државникот Ликург се погрижил неговата биста, заедно со биститие на Есхил и Еврипид да биде ставена во Атинскиот театар, а драмите да му се препишат и да се чуваат во државниот архив.

Книжевната работа на Софокле опфаќа период од шест децении, и се претпоставува дека напишал 123 драми. Од нив, зачувани се само седум: „Цар Едип“, „Едип во Колон“, „Антигона“, „Електра“, „Тројанки“, „Ајакс“ и „Филоктет“.

Митот за Едип на Софокле му послужил како основа за трилогијата: „Цар Едип“, „Едип во Колон“ и „Антигона“.

Види ја накусо содржината на Митот за Едип:

Загатката на сфингата што ја решил Едип била да се даде одговор на прашањето:

„Двоножно и четириножно оддава еднакви звуци;
а и со три нозе; менува става сал тоа од сите
коишто се движат по земја, во воздух, или, пак, во море;
сепак, додека потпрено на четири нозе оди
тогаш баш телото негово најмала брзина има“.

Одговорот на Едип гласел:

„Злокрила сфинго, музо на Мрија, нерадо макар,
слушни ја мојата реч – тоа ќе биде твој крај:
Загатнуваш човек, којшто, кога се движи по земјата,
прво – во телото слаб, тој четириножник е;
стар пак, се потпира с бастун ко с трета нога да оди,
грпка носејќи на врат, стуткан во старечки грч“.

Точниот одговор на Едип значел крај за Сфингата, која скокнала во бездната, каде претходно ги фрлала сите луѓе што се обиделе да ја одгатнат загатката и не успеале. За награда што го спасил народот од поморот, Едип го добил престолот и раката на царицата Јокаста.

Царот Едип

Во првата драма од трилогијата, „Царот Едип“, на преден план се настојувањата на Едип да го пронајде виновникот за несреќата на градот Теба (Тива), иако ја насетува својата несреќа и сурова вистина. Тој постојано е гонет од желбата да ја дознае вистината за себе си, па затоа оди до крај.

Прочитај повеќе за трагедијата „Царот Едип“.

 

Едип од Колон

Во втората драма, „Едип од Колон“ е прикажан прогонетиот Едип, кој воден од ќерка си Антигона пристигнува во Колон, во близина на Атина. Тамошните граѓани, трогнати од ужасната судбина на Едип го примаат и му пружаат прибежиште иако се плашат од неговото проклетство.

Подоцна, таму доаѓа и другата ќерка на Едип, Исмена, која раскажува за новата трагедија што се случила во семејството – односно за борбата меѓу двајцата браќа за преземање на престолот во Тива.

Помалиот син, Етеокле, го приграбил престолот и го изгонил својот постар брат Полиник. А, тој, пак, собрал туѓинска војска и тргнал против брата си и сопствениот град. Полиник доаѓа и во Колон, да бара поддршка од татка си Едип – но тој го проколнува, и него и помалиот син:

од раката на својот брат ќе паднеш мртов,

а својот брат ти самиот ќе го убиеш…“

Проклетството се исполнува. Полиник ја напаѓа Тива и на мегданот браќата се убиваат еден со друг. Новиот Тивански крал заповеда Етеокле да се закопа со сите почести, а Полиник да се остави незакопан, како предавник на земјата.

Антигона

Третата драма, „Антигона“ започнува со настојувањата на најстарата сестра, Антигона, да си го закопа брата си, без разлика на последиците.

Таа тоа и ќе го направи, одбиена од сестра си за помош, сосема сама, но достојна и храбра. Очекуваната казна од новиот крал се исполнува – таа ќе биде погубена!

Прочитај повеќе за драмата „Антигона“.

 

Scroll to Top