Почетна » пишување на гласовите » Зборообразување

Зборообразување

Зборообразување е лингвистичка дисциплина што се занимава со начини на формирање и изведување нови зборови.

Предмет на проучување е зборот, но не во негова граматичка (морфолошка или синтаксичка смисла), туку во неговата значенска (лексичка) смисла.

Обновувањето на лексичкиот фонд се врши на два начина:

а) со образување нови зборови врз основа на веќе постојните;
б) со примање туѓи зборови и нивно адаптирање.

Зборообразувањето е во тесна врска со морфологијата бидејќи ја проучува структурата на зборовите.  Разиката е во тоа што морфологијата ги проучува зборовите во нивната морфемска структура, нивната можност за делење на најмали семантички елементи, а зборообразувањето го проучува аспектот на нивното образување во релација со зборовите од кои се образувани.

 

Начини на образување нови зборови

 

Се изделуваат четири основни начини на зборообразување:

  • Лексичко-семантички начин

Лексичко-семантичкиот начин на зборообразување претставува промена на основното значење на зборот, т.е. формирање ново значење на веќе постоечкиот збор. Тоа е долг процес од кој како краен резултат се создаваат еден вид хомоними и со тоа се збогатува зборовниот фонд на јазикот.

  • Лексичко-синтаксички начин

Лексичко-синтаксичкиот начин на зборообразувањето (или срастување) претставува формирање сложени зборови.

На пример: времеплов, дрворед, сенокос, виножито и други.

  • Морфолошко-синтаксички начин

Морфолошко-синтаксичкиот начин на зборообразување (или синтаксичка конверзија) е формирање нови лексички единици со преминување на зборот од една во друга зборовна група без додавање зборообразувачки елементи.

На пример: работи (глагол и именка). Тој работи на нива.  Многу работи изнесува на пазар.

  • Морфолошки (афиксен) начин

Морфолошкиот начин е создавање нови зборови врз основа на постојните со помош на зборообразувачки морфеми (афикси).

На пример, од глаголот лета може да образуваме цела група зборови со афикси: летна, залета, долета, прелета, летка итн.

 

Scroll to Top