Фонологија е дел од лингвистиката што ги проучува фонемите.
Фонема е гласовна единка која врши смислоразликувачка функција во зборот.
Гласот е најмал дел од зборот.
Фонетиката ги проучува гласовите според нивниот изговор, односно артикулација (каде и како се формираат гласовите и кои говорни органи се употребуваат). Фонетиката се занимава со поделбата на гласовите (на самогласки и согласки) и со разните гласовни промени.
Освен вака, како посебни единки, гласовите може да се разгледуваат и според функцијата која ја вршат во зборот.
На пример:
Зборот СОЛ е составен од три гласа: С, О, Л. Секој глас му дава посебно значење на зборот. Ако замениме кој било глас со некој друг глас, ќе добиеме нов збор и сосема поинакво значење. Ако гласот С го замениме со Б, ќе го добиеме зборот БОЛ, ако го замениме со К: КОЛ, со В: ВОЛ.
Може да замениме и друг глас. Ако го замениме гласот Л со К, ќе го добиеме зборот СОК, итн.
Од примерот забележуваме дека секој глас има своја значенска функција во зборот.
Кога гласот го разгледуваме на овој начин, тогаш станува збор за фонема. А науката, пак, што се занимава со фонемите е фонологија.
- Науката што ги проучува гласовите се вика фонетика, а науката што ги проучува фонемите се вика фонологија.