Почетна » македонски јазик » правопис » Пишување на согласките Л и Љ

Пишување на согласките Л и Љ

Според правописот, согласките Л и Љ се пишуваат или не се пишуваат во наведените случаи.
.
Пишување на Л
.
Согласката Л се пишува:
.
1. Пред самогласките А, О и У: чешла, кошула, селанка, грклан, клокоти, клука, клун, клуч, луѓе, лула, лулка, лупи, лушпа, лут, плука, плунка, плускавец.
.
2. Пред согласка: билка, болка, бришалка, желка, родилка;
  • со новиот правопис дозволени се двете варијанти на зборовите: детално/детаљно, деталност/детаљност и во личните имиња: Илчо/Иљчо, Илка/Иљка.
.
3. На крајот од зборот: крал, пријател, родител, учител, сол, чешел итн.
  • со новиот правопис се дозволени двете варијанти на зборовите: тел/тељ, детал/детаљ, портфел/портфељ, водвил/водвиљ, катил/катиљ, фитил/фитиљ.

.

4. Пред самогласките Е и И: биле, дале, детален, леб, лево, лесен, лето, млеко, поле, блиску, бели, боли, дели, ливада, лице, личи, слика итн.

Како и во множината на зборовите: биљбили, детали, портфели, водвили, катили, фитили. Исклучок од ова се множините: бељи (од: беља) и рубљи (од: рубља).

.

5. Сонантската група лј се изговара слеано, при што л омекнува пред ј: билје, зелје, колје, релјефен, билјар, далјан, илјада, копилјак, лилјак, колја, крилја, Велјан, Силјан, Смилјан, Билјана, Лилјана, баталјон, булјон, медалјон, павилјон, волја, неволја, ролја, фотелја; и во множината: неволји, милји, ролји, фотелји.

.

Пишување на Љ

.

Согласката Љ се пишува:

.

1. Пред У:

  • во коренот на зборот љуб-: љубезен, љуби, љубимец, љубител, љубов, љубовник, љубомора, љубопитен, вљубен, заубен;
  • во сопствените имиња: Љуба, Љубица, Љупка, Љубе, Љубен, Љубомир, Љупчо, Љубојно;
  • во зборовите: виљушка, виљувче, набљудува.

.

2. Пред други самогласки:

  • во зборовите: беља, иљач, пљачка (мн: пљачки), пљачкоса, рубља, детаљ (мн: детали);
  • во личните имиња: Дељо, Иљо, Кољо, Пељо, Суљо итн.

.

3. Пред согласка:

  • во зборовите: фељтон, фељтонист;
  • во лични имиња: Иљчо/Илчо, Иљка/Илка.

.

4. На крајот од зборови од туѓо потекло: кељ, прокељ, хмељ;

како и во зборовите каде се дозволени двете варијанти, и со Л и со Љ: тел/тељ, детал/детаљ, портфел/портфељ, водвил/водвиљ, катил/катиљ, фитил/фитиљ.

.

На следните врски, прочитајте повеќе за:

.

  1. Употреба на голема буква
  2. Слеано и разделено пишување на зборовите
  3. Делење на зборот на крајот од редот
  4. Скратеници и скратување на зборовите
  5. Пишување на гласовите
  6. Пишување датуми
  7. Римски систем за бележење броеви
  8. Жители на населени места
  9. Составување тестови
  10. Знаци за директен говор
Scroll to Top