Почетна » македонска литература » современа македонска литература » Ликови во „Црно семе“ од Т. Георгиевски

Ликови во „Црно семе“ од Т. Георгиевски

Романот Црно семе“ од Ташко Георгиевски е еден во низата романи за судбината на Македонецот од егејскиот дел.
Темата на романот е судбината на група Македонци, затвореници на еден пуст остров во Егејското Море.
Идејата е дека никакви насилства, физичка и психичка тортура не можат да го скршат човековото достоинство и да му го погазат чувството за национална припадност.
Времето на случување е Граѓанската војна во Грција, крајот на четириесеттите години од 20 век (нешто по Втората светска војна).
За основа на фабулата е земен конкретен настан: кон крајот на Граѓанската војна монархистичката власт изделува една група војници — комунисти и Македонци кои ги обвинува за работење против тој режим. Ги носат на пуст остров за да ги превоспитаат.
.
Ликови во романот „Црно семе“
.
Доне
.
Доне е главниот лик во романот. Тој е Македонец од воденските села, кој служел во грчката војска. Го затвариле заради неговата национална припадност, а го наклеветуваат дека е комунист. Неписмен е и прост, но чувството што го носи во срцето за него е свето. Ги истрпува сите ѕверски измачувања, но не потклекнува и не потпишува. Зашто потпишувањето за него значи продавање на себеси, предавство, отчовечување. Гордоста, достоинството и националното чувство според него треба да се сочуваат дури и по цена на животот.
Заради неговата надворешност — ќос, без ниту едно влакно на главата, тој е секогаш прв на удар и истрпува многу повеќе од другите. И не само тоа, туку тој е нивниот поттик, другар кој е секогаш подготвен на саможртва, само да им помогне и тие да истраат. Тој е столбот, безгранично издржлив, тој е симболот на македонскиот непокор и истрајност.
.
Христос
.
Христос е, исто така, впечатлив по својата надворешност. Повисок една глава од другите, слаб, исушен, со испиено лице. Својата сила и издржливост тој ги црпи од Доне. Колеблив е уште на почетокот и кога Доне нема да биде во близина, тој ќе потпише.
Тортурите што претходно ги издржал не се ништо во споредба со оние што му се случуваат на крајот. Побудалува и маченички умира распнат на скелето, предавајќи ѝ се на смртта како на прибежиште, зашто тој веќе нема каде да оди.
Со потпишувањето тој го предал и семејството и соселаните, а таа психичка болка не се издржува како што може да се издржи физичката.
.
Марко
.
Соселанецот на Доне, Марко, е еден од оние што попушта меѓу првите. Тој не сака да се саможртвува, не сака да страда, па уште веднаш почнува да го избегнува Доне, зашто сите стапови паѓаат врз него и врз тие околу него.
Но, неговите страдања не завршуваат со потпишувањето. Не го ослободуваат, не го пуштаат да си оди дома. Тогаш му даваат пушка што ќе треба да ја држи вперена во пријателите и да ги трпи нивните обвинувачки погледи.
.
Грчките ликови
.
Освен затворените Македонци, на островот има и грчки затвореници — комунисти и грчки стражари што се изживуваат со затворениците без разлика на која националност ѝ припаѓаат.
.
Парис
.
Еден од најхрабрите и најиздржливи грчки комунисти е студентот Парис.
Тој се бори за поправедно општество, за еднаквост, за подобри услови за живот.
Поради неговата бунтовност, Скалумбакис ќе го фрли во морето во заврзана вреќа со мачка. Но, ваквите измачувања него го прават уште посилен и попркосен, а меѓу затворениците — херој.
Тој ќе биде и предводник на бунтот во логорот, по што ќе му се изгуби трагата.
.
Нико
.
Нико е сместен во истиот шатор со Доне и заедно ги трпи истите страдања. Сочувствува со Доне, зашто тој е секогаш прв на удар, па еднаш во стројот се обидува да му помогне и да го привлече вниманието врз себе. Нема да биде поштеден само заради тоа што е Грк. Ќе го испратат зад ѕидот да ги трпи изживувањата од Скалумбакис, но тој пркосно ќе рече: Во оваа наша мочана Грција ни Гркот не може да биде Грк.
.
Потпоручникот Маки
.
Еден од стражарите на островот е нискиот и полничок потпоручник Маки. Тој директно ги измачува и тепа затворениците, смислува нови начини на изживување и малтретирање, но за поголеми казни ги праќа кај својот претпоставен.
Во една прилика, заради избрзувањето на затворениците што ги повел да донесат вода, тој ги казнува да трчаат боси по камењата до врвот на ридот и назад, а потоа ги тера со голи колена, клекнати да држат тешки камења со рацете врз истолчен камен.
Го тера Христос да му собере 1500 живи муви што кротко ќе седат на неговата дланка.
Физички и психички ги малтретира сите, им се потсмева, ги омаловажува, ја цеди човечноста од човекот.
.
Скалумбакис
.
Вистинскиот ѕвер на островот, иако затскриен, всушност е Скалумбакис. Тој зад ѕидот, во своите простории, ги извршува гнасните злосторства.
Двајца браќа, кои меѓу себе зборувале македонски, Скалумбакис ги казнил така што прво ги натерал да се маваат со стапови, а потоа да се срамотат еден со друг. А и тој самиот често ги срамотел затворениците. Па затоа, изваден од морето, со гркланот на мачката меѓу заби, Парис ќе рече:
Еве на што падна Грција, педери дебелогази да ја срамат!

.


Прочитај повеќе за „Црно семе“ на следнава ВРСКА.
Scroll to Top