Не е бричено, ами стрижено
(Македонска народна приказна)
Еве како се инаетела една жена.
Мажот видел едно дете гологлаво, бричено и ѝ рекол на жената:
— Види, жено, како е бричено детено во главата.
Бидејќи таа била голем инаетчија, му рекла:
— Море, не е бре домаќине бричено, стрижено е.
— Е како стрижено, мори жено, не го гледаш дека е бричено?!
— Не е, бре домаќине, стрижено е детето.
Стрижено-бричено, стрижено-бричено, така се инаетеле многу време.
Најпосле мажот послал едно веленце врз еден бунар и ѝ рекол на жена си да не седнува врз веленцето. Ама таа бидејќи инаетчија седнала врз веленцето и пропаднала во бунарот и фатила да се дави. Тогаш мажот ѝ рекол:
— Мори жено, мори, речи оти детето беше бричено за да те извадам од бунарот да не се удавиш.
Чула од вода жената и ја извадила десната рака нагоре, та фатила со двата прста да му покажува на мажот ѝ како сечат ножиците, демек, стрижено беше детето, стрижено. Така правеше чунки устата ѝ беше полна со вода, та не можеше да му приговори.
— Тув, инаетчија жена — беше рекол мажот ѝ — се удави и од инаетот назад не се врати!
Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга четврта.
Приказната е запишана под број 388, на јазик карактеристичен за Цепенков, но недоволно разбирлив за денешните млади генерации. Затоа овде одлучив малку да го осовременам јазикот за да го приближам до помладите читатели.