Нункото што му беше срам да седне на трпеза дека беше прднал
(Македонска народна приказна)
Еден нунко (кум) седел на чело на трпеза и не знам како му се грешило, та прднал малку, ама никој не беше го чул. Се усрамил и си излегол во двор.
Ја ставиле вечерата и требало прво нункото да даде благослов, арно ама нему му било срам да дојде, чунки сторил грешка што прднал.
Излегол домаќинот, го молел да влезе внатре, да седне на чело и да даде благослов. Сите гости чекале со зината уста да дојде нункото и да вечераат, ама нему му било срам.
Се чудел домаќинот што се налутил нункото што не влегува дома.
— Ај, џанам, нунко, повели на трпезе, — му рекол домаќинот. — Гостите те чекаат да дадеш благослов и да вечераат, чунки без тебе не бидува.
— Сполај ти, куме, — му рекол — што ме честиш, ама јас сторив една грешка, тики од тоа ми срам да влезам.
Откога му ја кажал грешката што ја сторил, домаќинот го зел за рака нункото и го внесол кај гостите.
— Ај, слушајте ваму, гости, нешто ќе ве молам. Да го простите нункото, оти прееска беше пувнал; вистина вие не бевте го чуле, арно ама нему му е срам, да еве и тој срам ќе му го земам — им рекол домаќинот.
Кога беа чуле гостите, беа брбнале сите да се смеат, и у кого душа беше останала од будалаштилакот од нункото.
— Ај нека му е простено де, ај нека си седне на чело да даде благослов! — беа рекле гостите.
Кој си има мува на капата, си ја брка! Така беше направил пустиов нунко прост.
Забелешка
Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга четврта.
Приказната е запишана под број 550, на јазик карактеристичен за Цепенков, но недоволно разбирлив за денешните млади генерации. Затоа овде одлучив малку да го осовременам јазикот за да го приближам до помладите читатели.