Почетна » народни приказни » Сиромавиот и арно да рече…

Сиромавиот и арно да рече…

Сиромавиот и арно да рече, никој не го слуша

(Македонска народна приказна)

 

Еден сиромав човек седел до некои чорбаџии и слушал што разгоараат. Муабетот бил за оти имало многу глувци. Поголемиот чорбаџија велел оти глувците му го изгризале железото што го продал на дуќан, и сите му го потврдиле зборот.

— Вистина, вистина, чорбаџии — рекол сиромавиот — има многу глувци, чунки што имав троа брашненце ми го изедоа!

Неќејќи му го зборот од сиромавиот, чорбаџијата му рекол:

— Ај не туку лажи, бре чоече, кај јадат глувците брашно, да е жито, може, ама брашно не јадат. Ама не е, браќа, јас како што велам? — им рекол на другите чорбаџии што биле околу него.

Сите му го потврдија зборот на богатиот и го застрамија сиромавиот.

— Туф, бре, гиди, јас брашното реков ми го јадат глувците, чорбаџиите не ми го потврдија, а пак чорбаџијата рече железото го јадат — тоа што не било до денеска, му го потврдија. Што беше оваа пуста сиромаштија, што нема чест? — си рекол сам со себе и уште еднаш не беше пошол при чорбаџиите на муабет.


Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга четврта.

Приказната е запишана под број 504, на јазик карактеристичен за Цепенков, но недоволно разбирлив за денешните млади генерации. Затоа овде одлучив малку да го осовременам јазикот за да го приближам до помладите читатели.

Scroll to Top