Составување тестови со повеќе можни одговори
Во Правописот од 2016 година, во одделот Додатоци се дадени правилата со примери за составување тестови.
Правилата се однесуваат на тестови со повеќе можни одговори.
- Прашањето се пишува со различен шрифт од можните одговори и завршува со две точки.
- Предложените одговори на прашањето се пишуваат вертикално, секој во нов ред, а пред секој од одговорите се бележи мала буква и заграда (не точка).
- Можните одговори на прашањето се пишуваат вовлечено или невовлечено.
- Воведниот текст (основата на задачата) завршува со две точки кога тој граматички и семантички не претставува завршен исказ и се конкретизира со секој можен одговор на прашањето (задачата).
- Одговорите на прашањата започнуваат со мала буква кога се дел од исказ што граматички и семантички ја завршува основата на прашањето (задачата), а завршуваат без интерпункциски знак.
- Одговорите на прашањата во текстот започнуваат со мала буква и завршуваат без запирка кога се состојат од еден збор или израз, без оглед на тоа дали прашањето завршува со прашалник, освен кога се работи за сопствени именки.
На пример:
1. Бројот на слоготворните гласови во македонскиот стандарден јазик е:
а) 4
б) 5
в) 6
2. Акцентот кај глаголскиот прилог во македонскиот стандарден јазик паѓа на:
a) последниот слог
б) вториот слог од крајот на зборот
в) третиот слог од крајот на зборот
- Воведниот текст (основата на задачата) завршува со точка или со прашалник кога граматички и семантички претставува завршен исказ и не содржи израз што се конкретизира во одговорите на прашањето (задачата).
- Одговорите на прашањата во тестот започнуваат со голема буква и завршуваат со точка ако претставуваат завршен исказ, независно од тоа дали прашањето, задачата завршува со прашалник, точка или две точки.
На пример:
Што е фонетика? (или: Фонетика е:)
а) Наука што ги проучува фонемите.
б) Наука што ги проучува гласовите.
в) Наука што ги проучува зборовите.
- Доколку воведниот текст (основата на задачата) содржи НЕ, НЕМА, НЕТОЧНО и сл. тоа се пишува со шрифт различен од основниот.
На пример:
Во групата временски сврзници НЕ спаѓа:
a) кога
б) дури
в) дека
- Зборовите на кои се однесува прашањето се пишуваат со шрифт различен од основниот.
На пример:
Заменката ОВОЈ е:
а) лична заменка
б) лично-предметна заменка
в) показна заменка