Почетна » македонска литература » Царот и ѓеривџијата

Царот и ѓеривџијата

Царот и ѓеривџијата

(Македонска народна приказна)

 

Во еден царски град си требел еден ѓериз (одводен канал за нечистотии, канализација) некој ѓеривџија и од смрдеата му се кренало срцето за блуење, та се исправил и си рекол:

— Трај, душо, оти од лајнава во полајна ќе те клаам, да после да не се пишманиш (каеш).

Така рекол и пак се вратил да го требе ѓеризот.

Кога зборувал така, се погодил и царот да гледа и да го чуе кога рекол „Трај, душо, оти од лајно во полајно ќе те клаам“, та беше се зачудил на тој збор и се распрашал како се вика и каде живее ѓеривџијата. Кога си отишол царот во својот сарај, пратил луѓе да го повикаат при царот и да го праша за тој збор што го рекол.

втор дел

Откако го дотребил ѓеризот ѓеривџијата, си ги зел паричките, си отишол на бања, се измил убао-лепо, се променил во убава руба каква што имаат многу богати луѓе и отишол кај царот, та го претставиле пред него.

— Што го донесовте овој човек, бре луѓе? — ги прашал, зашто кога го видел во ѓеризот не бил ваков променет како што го гледал сега. — Јас ви реков да го донесете ѓеривџијата, а не овега.

— Ефенди, ефенди (господару), јас сум ѓеривџијата.

— Бре, ти си, а? — му рекол царот. — Ама што ти беше еден збор што го рече кога го требеше ѓеризот: „Трај душо, оти од лајна во полајна ќе те клаам?“ Кај има од лајна во полајна, сите лајна што се во ѓеризите се лајна и нема полајна од лајна, како ти што рече.

— Вистина, честити царе, нема од лајна полајна и сите се лајна по сите ѓеризи, арно ама спроти мене има еден ѓериз што има многу полоши лајна, тој ѓериз е измеќерлакот (слугувањето).

— Е како ќе ми докажеш дека измеќерлакот е полош од ѓеривџирлакот?

одговорот

— Еве како ќе ти докажам, честити царе — му рекол. — Еден ден ако требам ѓериз, честити царе, и бидам во лајна, цела недела седам во кафеана, променет и накитен и сум си по ќеф. Кај сакам таму одам, никој нема да ми пререче, а пусти измеќарлак не е така: и дење и ноќе нема да застанеш. Барем еден ден да ти даде мајсторот да здивнеш, ама не дава! Ако седнеш да ручаш или вечераш, тогаш мајсторот ќе ти заповеда да одиш на вода иако има вода, ама на мајсторот му се пиела пресна вода; или си ручал, не си ручал, ич не му е гајле на мајсторот.

Се скршило нешто, се загубило нешто, кој е виновникот — измеќарот! Сите викаат по калфите. Со еден збор, честити царе, измаќарлак — маскарлак (маска, магаре), што рекле Турците. Ете затоа велам така, честити царе: трај душо, оти од лајна во полајна ќе те пикнам!

Откако го ислуша царот ѓеривџијата и го виде променет како некој трговец, бравос му рекол, оти вистина така било, измеќерлакот е полош од лајната во ѓеризот.


Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга втора.

Приказната е запишана под број 283, на јазик карактеристичен за Цепенков, но недоволно разбирлив за денешните млади генерации. Затоа овде одлучив малку да го осовременам јазикот за да го приближам до помладите читатели. До понепознатите зборови во загради се дадени објаснувања.

 

Scroll to Top