Почетна » македонска литература » Патникот што му даде веленце на другарот

Патникот што му даде веленце на другарот

Патникот што му даде веленце на другарот

.

(Македонска народна приказна)

.

Си патувал еден патник од еден град во друг и се здружил со некој друг патник. Одејќи си двајцата така, се задал еден силен облак со дожд и гледајќи дека ќе врне многу дожд, му побарал едниот на другиот патник едно веленце (прекривка) да се наметнe, за да не го натопи дождот. Одејќи до некаде дождот престанал и патниците останале суви.

— Ама ако не ти го дадев веленцето, пријателе, жива вода ќе се стореше — му рекол.

— Ти благодарам пријателе што ми го даде веленцето и не наврнав. Многу ти благодарам! — рекол патникот.

Пооди до некаде и пак ќе му речел.

— А, пријателе? Да не ти го дадев веленцето, жива вода ќе се стореше.

Пооди до негде, пак истото.

Одејќи така дошле до една река и слегле да се одморат под сенките, а таму имало и други што се одморале. Во часот кога седнал меѓу луѓето, патникот почнал да се фали дека на другарот му го дал веленцето да не го наврне дождот. Речи, па речи, речи, па речи, па најпосле другар му се разлутил, станал од кај што седел па се фрлил во реката и се направил жива вода.

— Е доста ме мачи бре чоече, со тоа твое палено веленце: „Веленцето ако не ти го дадев, дождот ќе те истопеше, веленцето ако не ти го дадев жива вода ќе станеше!“ Е, од олку повеќе ќе се истопев? Бре нечоек! На’, еве се истопив повеќе од што дождот ќе ме истопеше, само и само да те замолчам, да не ми се фалиш, оти ме пукна со тоа твое веленце што ми го даде! — му рекол на лутина, си го јавнал коњот, па си отишол по патот сам.

 


 

Приказната е запишана од Марко Цепенков, објавена 1989 година од Македонска книга, „Македонски народни приказни“, книга четврта.

Приказната е запишана под број 527, на јазик карактеристичен за Цепенков, но недоволно разбирлив за денешните млади генерации. Затоа овде одлучив малку да го осовременам јазикот за да го приближам до помладите читатели.

Scroll to Top