Именки се менливи зборови што означуваат поим за некој предмет и за сето она што го мислиме опредметено.
Со именките се означуваат суштества, предмети, појави и поими.
Видови именки
Традиционално, именките се делат на:
1. Општи
– оние именки што означуваат родов поим (еднородни предмети или суштества), имиња на предмети или суштества од кои има многу во светот (стол, табла, креда, човек, мачка, теле, град, река);
– го означуваат материјалот или составот (материјални) (железо, вода, сол, шеќер);
– означуваат множество еднородни предмети кои претставуваат целина (збирни). Иако означуваат множина тие се во еднинска форма (народ, население, мебел).
2. Сопствени
– означуваат имиња на луѓе и животни (Јана, Драгица, Матеј, Арес),
– географски имиња (Вардар, Водно, Скопје),
– имиња на празници (Митровден, Осми март, Божиќ),
– имиња на институции (Средно градежно-гимназиско училиште „Здравко Цветковски“),
– имиња на уметнички дела, весници, емисии итн. („Крпен живот“, „Вечер“, „Ексклузив“),
– имиња на објекти (Камен мост, Кале, Соравија, Ресторан „Букет“).
* Сопствените именки се пишуваат со голема буква.
Според тоа, дали можеме да ги допреме предметите, односно појавите, разликуваме:
1. Конкретни именки – означуваат материјални предмети (маса, камен, дете, планина, чаша, вода итн.)
2. Апстрактни именки – означуваат неметеријални предмети (љубов, воздух, среќа, тага, омраза, ден, вторник, лето итн.)
Граматички категории кај именките
Именките имаат три граматички категории: род, број и член (определеност).
Граматичка категорија род кај именките
Секоја именка во македонскиот јазик си има свој род: машки, женски или среден. Родот е содржан во именката и тој не може да се промени.
На пр.: човек – машки род; жена – женски род; дете – среден род.
Родот го има само во еднинската форма на именката.
На пр.: клупа (именка од женски род – таа клупа), но: клупи (не може да го определиме родот, па затоа го определуваме според еднинската форма).
* Именките најлесно се определуваат според непроменливоста на родот. На пр.: ако не сме сигурни каков вид е зборот работливост – ќе му го провериме родот. Тој збор е од женски род (таа работливост). Ако се обидеме да го промениме родот – нема да успееме, односно не можеме да го направиме од машки или среден род, како што тоа можеме да го направиме кај придавките (работлив, работлива, работливо).
Граматичка категорија број кај именките
Кај именките разликуваме два броја: еднина и множина.
Со еднина се означува еден предмет (суштество, појава), а со множина – повеќе од именуваните предмети.
Најчесто, именките (општите конкретни и дел од апстрактните) имаат и еднина и множина.
Но, има именки што се јавуваат само во еднинска форма и такви што се јавуваат само во множинска.
Само во еднина ги среќаваме:
– сопствените именки (Михаил, СГГУ„Здравко Цветковски“, Водно),
– збирните именки (народ, мебел)
– материјалните именки (железо, сол, брашно)
– дел од апстрактните именки (небо, ренесанса).
Само во множина ги среќаваме именките:
панталони, очила, гаќи, ножици итн.
А. Видови множина
Во македонскиот јазик разликуваме три вида множина: обична, избројана и збирна.
1. Обичната множина означува дека имаме повеќе (множество) од именуваните предмети.
На пр.: маж – мажи; маса – маси; село – села.
2. Избројаната множина се однесува на точно избројани предмети. Пред ваквата множина секогаш стои број или прилог за количество.
На пр.: 2 молива, 5 снопа, 3 листа, неколку часа, итн.
3. Збирна множина – означува колективно единство од повеќе предмети ( ја прават именки од машки род).
На пр.: снопје, лисје, ридје/ридишта, краишта.
Граматичка категорија определеност (член) кај именките
Карактеристично за македонскиот јазик е членувањето (определувањето) на именките со наставки.
Кога една општа иманка членуваме значи дека конкретниот предмет сме го издвоиле од мноштвото такви истородни предмети.
На пр.: Читам книга.
Именката „книга“ е нечленувана и неопределена. (Читам некоја книга.)
Но : Ја читам книгата.
Во овој пример членуваната именка „книгата“ означува издвоен, точно определен предмет. Соговорникот точно знае за која книга станува збор.
Именките што не се членувани се неопределени.
За определување се користат следните членски морфеми (наставки):
– от, – та, – то, -те;
– ов, – ва, -во, – ве;
– он, – на, – но, – не.
Која од претходните наставки ќе ја употребиме зависи од родот, завршетокот и бројот на именката.
Пространствено значење на членот
Освен со значење на општо определување, членот го употребуваме и со пространствено значење:
- Членот: -от, -та, -то; -те; се користи за означување на предмети кои се блиску до лицето со кое се зборува.
На пр.: Дај ми го моливот. (Моливот е во близина на соговорникот). - Членот: -ов, -ва, -во; -ве; се употребува за предмети кои се блиску до лицето кое зборува.
На пр.: Земи го моливов. (Моливот е во близина на тој што зборува). - Членот: -он, -на, -но; -не; се употребува за предмет оддалечен од двајцата соговорници.
На пр.: Земи го моливон. (Моливот е оддалечен и од двајцата соговорници).
Образување на именките
Именки образувани од глаголи
Именките може да се образуваат од глаголи бессуфиксно:
чекор, збор, настан, помин.
Најчести наставки (суфикси) се:
– ец : борец, ловец, стрелец;
– ик, -ник : галеник, затвореник;
– тел : родител, учител, пријател, писател;
– ње : викање, одење, стоење; (глаголска именка)
– ба : изградба, состојба, молба, приредба;
– ач : купувач, водач, тепач;
– еж : грабеж, палеж, грмеж, метеж;
– а : работа, смеа, врева, игра, покана, мака;
Именки образувани од придавки
На основата од придавката се додаваат следните суфикси:
– ец : старец, убавец, слепец;
– ство : богатство, мајчинство;
– ина : широчина, височина, тежина, светлина;
– ост : милост, старост, гордост;
– отија : самотија, тешкотија, глувотија.
Именки образувани од броеви
И од броевите може да се образуваат именки, и тоа со:
– ица : единица, десетица;
– ка : петка, двојка, тројка, шеска, седумка;
– ина : половина, третина.
Именки образувани од именки
Од една именка со додавање на суфикси може да образуваме други именки:
– ник : патник, љубовник, правник, зелник;
– ар : чевлар, овчар, рибар;
– ка : ѕверка, овошка, ногалка;
– ец, – анец, – анин, -чанец (припадници на народности или населени места): Македонец, скопјанец, битолчанец, римјанин.
Функцијата на именките во реченицата
Функцијата на именките во реченицата може да биде:
подмет, именски прирок и дополнение (предмет, прилошка определба, атрибут).
1. Именката е најчесто подмет во реченицата.
На пр.: Детето спие. Човекот работи.
Зборовите: детето и човекот (именки), се подмет во речениците, односно вршители на дејството.
2. Именката може да се јави како составен дел на прирокот – именски прирок.
На пр.: Петре е овчар. Ти си ученик.
Во овие примери именки се зборовите: овчар и ученик. Тие со помошниот глагол сум (во примерите: е и си) образувале именски прирок.
3. Именката може да се јави и како дополнение:
а) дополнение на глаголот – предмет
На пр.: Го видов овчарот.
Во примерот, именката овчарот е предмет во реченицата. Подметот е јас, прирокот е видов, а предмет – кого го видов? – овчарот.
б) дополнение на именката – атрибут
На пр.: сила работа, домаќин човек, ручек време.
Вежби:
1. Определи кои од следните зборови се именки:
функција, основа, чувство, работи, истакнува, среќен, форма, совет.
2. Кај следните именки определи го видот (општи, сопствени, апстрактни, конкретни), родот, бројот и определеноста:
Станка, образованието, животе, снег, небо, Водно, храброст, вест, песок, жал, сол.
3. Образувајте ги сите три вида множина (кај оние именки што може): клас, бисер, ден, рид, даб, пламен, трн, ливада.
4. Направи обична множина од именките:
око, уво, рака, нога, срце, трн, крадец, јунак, врабец, господин, пес;
решо, сако, кино, бифе, жири.
5. Членувајте ги именките со сите три вида член: клуч, ракија, село, Марија.