Преродбата (романтизмот) во Македонија се појавува во средината на XIX век (1850-1860 г.) како продолжение на просветителството.
Преродбата се карактеризира со будење на националната свест:
– воведување на македонскиот (народен) јазик во училиштата;
– составување и печатење учебници;
– собирање народни умотворби.
Општествено-политички и културни прилики
Приликите од почетокот на 19 век не биле променети ни во средината на 19 век.
Македонија се наоѓала во границите на Турската Империја, а културно и економски била под грчка доминација. Грците отворале училишта и целеле кон елизнизација на населението.
Зајакнувањето на македонската граѓанска класа придонело да се отворат училишта на народен јазик и во црквите да се проповеда на народен јазик.
Во овој период има тенденција за заедничка борба со Бугарите против грчкото влијание, но тие започнале да го наметнуваат своето влијание преку употреба на својот јазик во училиштата, учебниците и црквите.
И Србија почнала со ширење на своето влијание (на ист начин).
Па така, Македонија станала арена на великогрчката, великобугарската и великосрпската пропаганда.
Собирачи на народни умотворби
За време на преродбата еден начин за борба против туѓите шовинистички пропаганди било богатството од народни умотворби, нивно собирање и печатење.
Народните умотворби се доказ и:
– афирмација на македонскиот народ како посебен народ со своја традиција, обичаи и историја;
– афирмација на македонскиот јазик како посебен;
– истакнување на творечките и духовните вредности на народот.
Првите македонски народни умотворби ги објавиле припадници на други народи: Вук Караџиќ, Виктор Григорович, Стефан Верковиќ.
„Зборникот на Миладиновци“ е отпечатен во Загреб, 1861 година. Тој содржи:
1. Предговор од Константин Миладинов во кој е дадена и првата класификација на македонските народни песни;
2. 662 песни;
3. народни преданија за лица и места;
4. народни обичаи и верувања;
5. стотина гатанки;
6. педесетина пословици и поговорки и
7. повеќе од 400 лични имиња и презимиња.
Кузман Шапкарев, освен учебници, статии во весници, собирал народни умотворби и ги отпечатил во 8 книги (третиот том 1885 година, а другите седум книги во периодот 1891-1894 година).
Марко Цепенков е најголемиот собирач на народни умотворби: над 5500 пословици и поговорки, 800 приказни, 150 песни, 100 гатанки, 400 верувања и клетви, 300 благослови, 350 баења, 2900 соништа и нивни толкувања, 70 детски игри, јазичен и етнолошки материјал – речник, тајни јазици, описи на занаети, обичаи, обреди, реквизити од домашниот материјален живот и народната аргономија и сл. (собрани се во 10 книги), но таков кој самостојно ги запишувал, не веднаш, туку подоцна со свој јазик и стил.