Можен начин е сложена глаголска форма. Со него се искажува глаголско дејство за кое се претполага дека е можно да се изврши под некој услов.
Има една форма за еднина и една форма за множина. Од сите временски и начински форми, можниот начин има најупростена форма.
Се образува со честичката би и глаголската л-форма.
На пример:
еднина
1 л. би читал, би читала, би читало
2 л. би читал, би читала, би читало
3 л. би читал, би читала, би читало
множина
1 л. би читале
2 л. би читале
3 л. би читале
- Бидејќи формите за сите три лица се исти, лицето се определува со лична заменка, со предметот или на некој поинаков начин.
На пример: Кога не би заспал, би го гледал филмот. (Кој? Јас, ти или тој? Во контекст на текстот веројатно лесно би определиле за кого се зборува, но вака изолирана оваа реченица е нејасна. Затоа ќе ја појасниме со лична заменка: Кога не би заспал, ти би го гледал филмот. Тој кога не би заспал, би го гледал филмот. Кога јас не би заспал, би го гледал филмот.)
Значење на можниот начин
Основното значење на можниот начин е изразување претполагано, можно или посакувано дејство. Начинот не е зависен од времето на случување.
Во современиот јазик можниот начин се употребува многу повеќе отколку во народниот и повеќе отколку во минатото.
- услов: Кога би ми ја кажал вистината, би ти простил. (Ако ми ја кажеш вистината, ќе ти простам.)
- идност: Би останал ли кај мајка ти? (Ќе останеш ли кај мајка ти?)
- севременост: Зошто би верувале во него? ( Зошто да веруваш во него?)
* Забелешка:
Често се греши употребувајќи го можниот начин во целните реченици со сврзникот (за) да. Според нормата тоа не е дозволено.
На пример:
Правилно: Избега од час за да дојде кај мене.
Неправилно: Избега од час за да би дошол кај мене.
Прочитај за глаголски начин на следнава ВРСКА.
Прочитај повеќе за глаголите на следните врски: