Почетна » Новости » Теорија на литературата – матура

Теорија на литературата – матура

Теорија на литературата е една од темите опфатени со испитната програма за државна матура.

На следните врски може да ги повторите сите лекции од оваа тема:

  1. Наука за литературата
  2. Мит и фолклор
  3. Народна литература
  4. Поделби на литературата
  5. Лирика   (лирски видови)
  6. Композиција на песните. Видови стихови и рима.
  7. Сонет и сонетен венец
  8. Стилски изразни средства: фонетско-морфолошки, синтаксички и семантички.
  9. Епика (епски видови во проза и епски видови во стих)
  10. Драма (драмски видови)
  11. Лирско-епски видови
  12. Литературно-научни видови и публицистика

 

Прашања за повторување на темата:
  1. Кои дисциплини ги опфаќа науката за литература?
  2. Со што се занимава историја на литературата?
  3. Со што се занимава теорија на литературата?
  4. Со што се занимава литературната критика?
  5. Што претставуваат митот и фолклорот?
  6. Што е мит?
  7. Што е митологија?
  8. Што е фолклор?
  9. Кои се основните карактеристики на народната литература?
  10. Како се дели народната литература?
  11. Како се дели литературата според авторството?
  12. Како се дели литературата според внатрешните својства?
  13. Како се дели литературата според формата?
  14. Како се дели литературата според времето кога е создадена?
  15. Кои се главни карактеристики на лириката?
  16. Што е лирски субјект?
  17. Која е формата на лириката?
  18. Кои лирски видови ги разликуваме?
  19. Што е стих?
  20. Што е метрика?
  21. Како се викаат стиховите со 6, 8 и 10 слога?
  22. Што е строфа?
  23. Што е рима?
  24. Какви видови рима разликуваме според местото на римуваните зборови (во првиот со вториот стих и третиот со четвртиот; во првиот со третиот и вториот со четвртиот стих; во првиот со четвртиот и вториот со третиот стих)?
  25. Какви видови рима разликуваме според бројот на слоговите што се римувани (еден, два или три слога)?
  26. Како се викаат песните кои содржат строфи со ист број стихови (на пример: сите строфи се катрени)?
  27. Како се викаат песните што немаат строфи?
  28. Какви строфи разликуваме според бројот на стиховите во неа?
  29. Што е сонет?
  30. Што е сонетен венец?
  31. Што е карактеристично и кои се главните елементи на епиката?
  32. Кои се епските видови во проза?
  33. Кои се епските видови во стих?
  34. Што е карактеристично и кои се главните елементи во драмата?
  35. Какви видови драми разликуваме?
  36. Наброј ги лирско-епските видови!
  37. Наброј ги литературно-научните видови!
  38. Наброј ги литературно-публицистичките видови!

 

Одговори:
  1. Историја на литературата, теорија на литературата и литературна критика.
  2. Проучување на појавата и развитокот на литературата; литературните правци (епохи) и нивните претставници.
  3. Особеностите на литературните дела: стилот, јазикот, версификацијата, како и со поделбата на литературните родови и видови.
  4. Значењето на литературното дело, убавината и вредноста на делото и претставува врска меѓу делото и читателот.
  5. Најстари извори на литературата.
  6. Сакрална (света), фантастична приказна, создадена во најдалечното минато во која се раскажува за она што се случило на самиот почеток.
  7. Збир од митови.
  8. Фолклор е целокупното духовно творештво на еден народ. Тука ја подразбираме освен народната литература и севкупната народна традиција и народните обичаи, народните верувања, народната музика и игра (ора), како и народната материјална култура — ликовна орнаментика, народни носии, занаети, архитектура итн.
  9. Усно, анонимно и колективно творештво.
  10. Народната литература се дели на: народна поезија, народна проза и кратки фолклорни видови (во стих и проза).
  11. Се дели на анонимна и авторска.
  12. На родови: лирика, епика и драма.
  13. На проза и поезија.
  14. На литературни правци (епохи): ренесанса, класицизам, реализам итн.
  15. Карактеристично за лириката е тоа што таа е изразувачка уметност, преку која се изразуваат чувства, мисли и расположенија.
  16. Лирски субјект е „гласот“ во песната.
  17. Стихот.
  18. Субјективна, возвишена, елегиска и сатирична.
  19. Еден ред од песната, со стегнат израз, специфична звучност, значење и ритмика.
  20. Метрика е должина на стихот, односно бројот на слоговите во стихот.
  21. Шестерец, осмерец и десетерец.
  22. Целина од одреден број стихови со ритам и интонација (може и рима) која претставува мисловна целина.
  23. Римата претставува гласовно (целосно или нецелосно) совпаѓање на исти слогови на крајот од два или повеќе стиха.
  24. Паралелена, вкрстена и обградена.
  25. Машка, женска и дактилска.
  26. Строфични.
  27. Астрофични.
  28. Моностих, дистих, терцина, катрена, пентина, секстина, септима, октава, нона.
  29. Сонет е лирска песна со зацврстена форма. Содржи четири строфи, од кои првите две се катрени, а вторите две терцини.
  30. Сонетен венец е сложена лирска форма составена од 15 сонети. Секој последен стих е почетен во наредниот сонет, а последниот, магистралот е сонет составен од почетните стихови на сите пртеходни 14 сонети.
  31. Литературниот род каде карактеристично е раскажувањето, а главните елементи се: ликовите, настаните, темата, мотивите и идејата се вика епика.
  32. Расказот и романот.
  33. Епската песна и епот (епопејата).
  34. Драмата е претставувачка уметност преку дијалошка форма. Нејзини главни елементи се: композиција, чин, сцена, слика, дијалог, монолог, афиша, дидаскалии, пролог, епилог итн.
  35. Трагедија, комедија, трагикомедија и драма во потесна смисла на зборот (современа драма).
  36. Балада, романса, поема и роман во стих.
  37. Есејот, статијата, расправата, студијата, полемиката, биографијата и автобиографијата.
  38. Новинарската (журналистичката) статија, фељтонот, репортажата и патописот.
Scroll to Top