Вокативни форми или форми за обраќање кај именките се остатоци од старите падежи.
Во сите словенски јазици, освен македонскиот и бугарскиот, за означување на разни односи на зборовите во реченицата се употребуваат падежните форми на именските зборови. Но, во нашиот јазик, падежите се загубиле, а таквите односи се прикажуваат со други средства, најчесто со предлози.
Сепак, остатоци од падежите среќаваме кај некои зборови и во македонскиот јазик.
(На пример, кај именките – вокативот, кај заменките – дативот и акузативот.
Кај заменките, номинативната форма е ЈАС, но за означување на поинакви односи, останале и формите МЕНЕ МЕ (акузатив) и МЕНЕ МИ (датив). Поради тенденцијата за опишување на односите со предлози, многу често неправилно се употребува НА МЕНЕ МИ, бидејќи предлогот НА ја презел функцијата на некогашниот датив.)
Падежната форма за обраќање е вокативот. Од оваа форма имаме остатоци во нашиот јазик најчесто кај именките кои означуваат човечко суштество. На пр.: жено, господине и сл.
Наставки на вокативни форми
- Кај именките од машки род формата за обраќање се образува со наставките: -у и -е. Првата (-у), почесто ја среќаваме кај едносложните, а -е кај повеќесложните зборови, а некои именки ги среќаваме со двете наставки.
На пр.: маж – мажу, вол – волу, коњ – коњу; професор – професоре, господин – господине; овчар – овчаре, овчару, итн.
- Кај именките од женски род формата за обраќање се образува со наставките: -е и -о. Наставката -е, почесто се употребува кај повеќесложните именки на -ица или -ка (Милице, директорке); додека другите прават со наставката -о (ќерко, вештерко, сестро).
- Именките од среден род немаат вакви форми.