Почетна » прва година » Синтакса (прва година)

Синтакса (прва година)

Синтакса е дел од науката за јазикот што се занимава со јазично точниот редослед на зборовите во реченицата.

Основни синтаксички единици се: именска група, реченица, сложена реченица и врзан текст.

  1. Именската група (синтагма или фраза) претставува неприрошка единица чиј главен дел е именката или некој друг именски збор (заменка, придавка, број). Таа е дел од реченицата и претставува една целинка без прирок (глаголско дејство).
  2. Реченицата е основната, централната синтаксичка единица. Основа на реченицата е прирокот (без прирок нема реченица, освен во некои исклучоци).
  3. Сложената реченица е поголема синтаксичка единица која содржи намалку два прирока.
  4. Врзаниот текст претставува најголема синтаксичка единица. Тој е составен од повеќе реченици (именски групи и сложени реченици) кои се смисловно поврзани и сочинуваат целина.

 

Реченица

 

Реченица е синтаксичка единица со еден прирок и точно подредени зборови.

Карактеристики на речениците:

  1. Реченицата има своја содржина и дава некаква информација.
  2. Реченицата има своја интонација со што се изделува како целина од другите делови на текстот.
  3. Реченицата има своја граматичка структура која е организирана според синтаксичката шема на јазикот.
  4. Со реченицата се изразува ставот на говорителот (модалност на реченицата).
  5. Реченицата се разгледува како дел од текстот.
Според МОДАЛНОСТА речениците се делат на:
а) расказни — се соопштува некоја мисла;
б) заповедни — се искажува заповед;
в) прашални — се поставува прашање;
г) извични — се искажуваат силни чувства;
д) желбени — се искажува желба или блага заповед.
.

Граматичка структура на реченицата

 

Реченицата има своја граматичка структура.
Таа е составена од членови, и тоа:
  1. Главни – подмет и прирок;
  2. Неопходни – предмет (директен, индиректен, предлошки), додатоци на прирокот (за место, време, количество, цел, намера итн.);
  3. Второстепени (не се неопходни) – атрибут и апозиција (додатоци на именските зборови).

 

Прирок

 

Прирок е главен, но и основен член на реченицата. Штом имаме прирок, имаме и реченица (или, без прирок, нема реченица).

Прирокот може да биде: глаголски и глаголско-именски.

 

ГЛАГОЛСКИ ПРИРОК

 

Глаголскиот прирок содржи глагол во лична форма. Тој може да биде прост и сложен.

а) ПРОСТ ГЛАГОЛСКИ ПРИРОК е кога прирокот е претставен преку ЕДЕН глагол во проста или сложена глаголска форма.

На пр.: Јас читам книга. Јас ќе читам книга. Јас сум читала книга.

б) СЛОЖЕН ГЛАГОЛСКИ ПРИРОК е составен од ДВА глагола, од кои втроиот се јавува во да-конструкција. Носител на значењето е глаголот во да-конструкцијата, а првиот глагол е воведен. 

На пр.: Јас почнав да читам, треба да читам, се обидувам да читам.

 

ГЛАГОЛСКО-ИМЕНСКИ ПРИРОК

 

Глаголско-именскиот прирок се состои од глагол-врска и именски дел.

Како глагол-врска најчесто се јавува глаголот сум (биде), но и: стане, станува, остане, останува и др.

И глаголско-именскиот прирок може да биде прост – кога го содржи само глаголот-врска и именскиот збор; и сложен – со воведен глагол, да-конструкција, глаголот-врска и именскиот дел.
На пр.: Тој е добар човек.
Тој престана да биде добар работник.

Подмет

 

Подметот е вториот главен реченичен член (прирокот, освен што е главен, е и основен).
Подметот го означува вршителот на дејството.
Тој не мора да биде изразен во реченицата, туку може да го откриеме во формата на глаголот или од контекстот.
На пример:
Пишувам домашна.
Со формата на глаголот, кој е во прво лице еднина сегашно време, изразено преку наставката -м, откриваме дека подметот е ЈАС.
Подметот најлесно го откриваме со прашањето: КОЈ?
Во функција на подмет се јавуваат: именките, заменките, придавките и броевите.
Прашања и вежби за повторување:
  1. Што е синтакса?
  2. Која е основна синтаксичка единица?
  3. Кои се другите синтаксички единици?
  4. Што е реченица?
  5. Кои се карактеристиките на реченицата?
  6. Кои се главни реченични членови?
  7. Кои се неопходни реченични членови?
  8. Што е прирок?
  9. Какви видови прироци има?
  10. Што е подмет?
  11. Во следните реченици пронајди ги подметот и прирокот (за прирокот да се наведе и каков е):
    • Докторот се заинтересира за темата.
    • Можеш да замолиш некого!
    • Се насмеа.
    • Престана да врне по деветте.
    • Тревогата беше лажна.
    • Мозокот ми е здрвен како стап.
    • Човековата неблагодарност нема граници.
    • Погребната поворка не може да мине покрај полициската станица.
    • Обиди се да не мрдаш!
    • Адвокатот стана да ја избрка.
    • Мојата куќа е под хипотека.
Scroll to Top