Почетна » македонски јазик » морфологија » Граматички категории кај именките

Граматички категории кај именките

Граматички категории кај именките во македонскиот јазик се: род, број и член (определеност).

 

Граматичка категорија род кај именките

 

Секоја именка во македонскиот јазик си има свој род: машки, женски или среден. Родот е содржан во именката и тој не може да се промени.

На пр.: човек – машки род; жена – женски род; дете – среден род.

Родот го има само во еднинската форма на именката.
На пр.: клупа (именка од женски род – таа клупа), но: клупи (не може да го определиме родот, па затоа го определуваме според еднинската форма).

 

* Именките најлесно се определуваат според непроменливоста на родот. На пр.: ако не сме сигурни каков вид е зборот работливост – ќе му го провериме родот. Тој збор е од женски род (таа работливост). Ако се обидеме да го промениме родот – нема да успееме, односно не можеме да го направиме од машки или среден род, како што тоа можеме да го направиме кај придавките (работлив, работлива, работливо).

 

Граматичка категорија број кај именките

 

Кај именките разликуваме два броја: еднина и множина.
Со еднина се означува еден предмет (суштество, појава), а со множина – повеќе од именуваните предмети.

Најчесто, именките (општите конкретни и дел од апстрактните) имаат и еднина и множина.
Но, има именки што се јавуваат само во еднинска форма и такви што се јавуваат само во множинска.

Само во еднина ги среќаваме:
– сопствените именки (Михаил, СГГУ„Здравко Цветковски“, Водно),
– збирните именки (народ, мебел)
– материјалните именки (железо, сол, брашно)
– дел од апстрактните именки (небо, ренесанса).
Само во множина ги среќаваме именките:
панталони, очила, гаќи, ножици итн.

 

А. Видови множина

Во македонскиот јазик разликуваме три вида множина: обична, избројана и збирна.

1. Обичната множина означува дека имаме повеќе (множество) од именуваните предмети.
На пр.: маж – мажи; маса – маси; село – села.

2. Избројаната множина се однесува на точно избројани предмети. Пред ваквата множина секогаш стои број или прилог за количество.

На пр.: 2 молива, 5 снопа, 3 листа, неколку часа, итн.

3. Збирна множина – означува колективно единство од повеќе предмети ( ја прават именки од машки род).
На пр.: снопје, лисје, ридје/ридишта, краишта.

 

Граматичка категорија определеност (член) кај именките

 

Карактеристично за македонскиот јазик е членувањето (определувањето) на именките со наставки.
Кога една општа иманка членуваме значи дека конкретниот предмет сме го издвоиле од мноштвото такви истородни предмети.
На пр.: Читам книга.
Именката „книга“ е нечленувана и неопределена. (Читам некоја книга.)
Но : Ја читам книгата.
Во овој пример членуваната именка „книгата“ означува издвоен, точно определен предмет. Соговорникот точно знае за која книга станува збор.

Именките што не се членувани се неопределени.

За определување се користат следните членски морфеми (наставки):
– от, – та, – то, -те;
– ов, – ва, -во, – ве;
– он, – на, – но, – не.

Која од претходните наставки ќе ја употребиме зависи од родот, завршетокот и бројот на именката.

 

Пространствено значење на членот

 

Освен со значење на општо определување, членот го употребуваме и со пространствено значење:

  1. Членот: -от, -та, -то; -те; се користи за означување на предмети кои се блиску до лицето со кое се зборува.
    На пр.: Дај ми го моливот. (Моливот е во близина на соговорникот).
  2. Членот: -ов, -ва, -во; -ве; се употребува за предмети кои се блиску до лицето кое зборува.
    На пр.: Земи го моливов. (Моливот е во близина на тој што зборува).
  3. Членот: -он, -на, -но; -не; се употребува за предмет оддалечен од двајцата соговорници.
    На пр.: Земи го моливон. (Моливот е оддалечен и од двајцата соговорници).

 

 

Прочитај повеќе за:

Вежби и задачи за именки

Видови множина кај именките

Образување на именките

Вокативни форми кај именките

Функцијата на именките во реченицата

 

Scroll to Top