Почетна » македонски јазик » наука за јазикот » Наука за јазикот (матура)

Наука за јазикот (матура)

Наука за јазикот е лингвистика.

Во матурската програма од темата НАУКА ЗА ЈАЗИКОТ се опфатени насловите:

  1. Национален јазик;
  2. Дијалектен јазик;
  3. Стандарден (литературен) јазик, и
  4. Видови писма.

 

Лингвистиката (науката за јазикот) се дели на повеќе поддисциплини:

  • фонетика – наука за создавањето, артикулацијата и звучното примање на гласовите;
  • фонологија – наука за гласовите како смислоразликувачки единици;
  • морфологија – наука за зборовите и нивните форми;
  • синтакса – наука за речениците и именските групи;
  • лексикологија – наука за зборовниот состав на јазикот;
  • лексикографија – наука за составување на речници и лексикони;
  • фразеологија – наука за зацврстените зборовни состави со преносно значење – фразеологизми;
  • зборообразување – наука за начините на образување на зборовите;
  • стилистика – наука за различните стилови на изразување;
  • дијалектологија – наука за различните дијалекти на еден јазик итн.

 

Поделба на јазиците


Јазик е (апстрактен) систем од знаци што служи за комуникација меѓу луѓето.
Јазиците се делат на:
— живи — јазици што се зборуваат денес;
— мртви — јазици што повеќе не се зборуваат: латински, старогрчки, старословенски и др.

Според сродноста јазиците се делат во семејства, а семејствата во групи и подгрупи.

Во индоевропското семејство има околу 440 јазици кои се делат во групи и подгрупи. Тука спаѓаат: словенските јазици, келтските, германските, италските, албанскиот, грчкиот итн. 

Словенската група јазици е поделена на: источни, западни и јужни. А јужните на две подгрупи: источни и западни.
Македонскиот јазик се наоѓа во индоевропското семејство, во јужната група словенски јазици, источната подгрупа. 

 

Национален јазик

Националниот јазик е јазикот што го употребуваат сите припадници на една нација во својата држава и надвор од неа. 

Има две пројави:

  1. Нестандардна пројава, која ги опфаќа: дијалектите, социолектите, жаргоните и другите форми кои немаат општонароден карактер, односно имаат ограничена употреба.
  2. Стандардна пројава, која е официјалното средство за комуникација. Стандардниот јазик (литературниот) има точно определени правила за употреба (јазична норма).

Дијалектен јазик

Дијалектот е јазик што го говори група луѓе географски одделена од друга група луѓе. Освен географски, таа група луѓе е поврзана историски и општествено.
Група дијалекти образуваат дијасистем.

Македонскиот дијасистем го сочинуваат три поголеми наречја: западно, југоисточно и северно.

Стандарден јазик

Стандардниот (или литературниот) јазик е официјалното средство за комуникација на една нација.

Стандардниот јазик е јазикот што официјално се употребува во уметничката и научната литература, во администрацијата, во училиштата, во медиумите итн.; јазикот што има пропишана норма за употреба; јазикот што го знаат сите припадници на една нација и тој ги обединува.
Стандардниот јазик е изграден врз основа на еден дијалект или група дијалекти и претставува наддијалектна форма.

Видови писма

Писмото е визуелно претставување на говорот. Според историскиот развој на писмото, разликуваме:

  1. Пиктографско писмо (најстаро), каде пиктограмите (цртежите) претставуваат цела реченица (цела мисла). Ова писмо не претставува ни еден јазик, туку преку цртежите директно се претставени предметите. 
  2. Идеографско писмо е поразвиена форма на пиктографското писмо. Идеограмите (цртежите) добиле симболичко (преносно, метафоричко) значење, а на јазично ниво тие одговараат на зборовите. Најпознати идеографски писма се: хиероглифите и клинестото писмо.
  3. Фонетското писмо е најсовремено и тоа е гласовно. Односно секој глас (фонема) го бележиме со посебен знак (буква).

 


Scroll to Top