Почетна » прва година » Заменки (прва година)

Заменки (прва година)

Заменки се зборови што укажуваат на лица или предмети или директно ги посочуваат.
Тие се ограничена група зборови, но се од големо значење во системот на јазикот.
Разликуваме три вида заменки: лични, лично-предметни и показни.
А. Лични заменки

 

1. Лични заменки кои го изразуваат односот кон говорната ситуација (номинативна форма, подмет):

еднина
1. л. јас
2. л. ти
3. л. тој, таа, тоа

множина
1. л. ние
2. л.вие
3. л. тие

Заменките имаат два броја: еднина и множина; имаат род во трето лице еднина: машки, женски и среден и имаат лице.

Лицето е граматичка категорија што го изразува односот во говорната ситуација:

прво лице – лицето што зборува (јас, ние);
второ лице – лицето кому му се зборува (ти, вие);
трето лице – лице кое се споменува во говорот, а не мора да биде присутно (тој, таа, тоа, тие).

 

2. Лични заменки за означување директен и индиректен предмет (за лица кон кои е насочено дејството).

 

а) за директен предмет:

еднина
1. л. мене; ме
2. л. тебе; те
3. л. него; го; неа; ја

множина
1. л. нас; нè
2. л. вас; ве
3. л. нив; ги

 

Овие заменки имаат долги и кратки форми, а претставуваат остатоци од старите акузативни форми. Овие форми ги употребуваме за искажување директен предмет.

 

б) Лични заменки за индиректен предмет (дативна форма):

еднина
1. л. мене; ми
2. л. тебе; ти
3. л. нему; му; нејзе; ѝ

множина
1. л. нам; ни
2. л. вам; ви
3. л. ним; им

 

И овие заменки имаат долги и кратки форми, а се остатоци од старите дативни форми.

Нив ги употребуваме за искажување индиректен предмет.

На пр.:

Јас читам книга. (подмет)
Таа мене ме виде во киното. (директен предмет)
Тој мене ми рече да дојдам. (индиректен предмет)

 

в) Лично-повратна заменка

себе; се
себе; си

 

Б. Лично – предметни заменки

 

1. кој, која, кое; кои – се однесува на лица и има прашално или релативно значење.

Оваа заменка има форми и за директен предмет: кого;

и за индиректен предмет: кому.

Од неа може да се изведат и формите: некој, секој, никој, со неодредено значење и кои најчесто се употребуваат атрибутски.

 

2. што – се однесува на предмети и има прашално и релативно значење. Таа не е променлива.

Изведени форми: нешто, сешто, ништо.

 

3. чиј, чија, чие; чии – има присвојно значење.

Од неа може да се изведат и формите: нечиј, сечиј, ничиј.

* Овие заменки често добиваат значење на релативни сврзници.

На пр.: Дојде човекот што го видовме вчера.

 

В. Показни заменки

 

1. овој, оваа, ова; овие – служат за посочување блиски предмети;

2. оној, онаа, она; оние – за посочување пооддалечени предмети;

3. тој, таа, тоа; тие – за посочување на предмети без просторно определување.

* Од нив во македонскиот јазик е образуван членот.

На пр.: Дај ми ја оваа книга (книгава); онаа книга (книгана); таа книга (книгата).

 

 

Вежби:

1. Определи кои од следните зборови се заменки, а потоа какви се (лични, лично-предметни или показни)?
мене, мој, ме, ми, ова, нејзин, наш, оној, ти, твој, те.
2. Дополни ги заменките во празните места и определи ја нивната функција во реченицата:
а) Јас _____ги видов во град.
б) _____ ѝ реков да ме почека.
в) Мене ____ поканија на роденден.
г) Вчера _____ ја удри кола.
д) _____ве викнаа кај директорот.
ѓ) Вам ____ ја сменија училницата.
е) _____ти донесоа нов валосипед.
ж) _____ќе донесе креда?
ѕ) _____ми ставија единица.
3. Дополни ги празните места:
Едно девојче _____ рекло на мајка ____ дека сака за роденден да ___ купат велосипед. ____ сакала велосипедот да биде црвен и со помошни тркалца. Татко __ и мајка __ сакале да ___ ____ исполнат желбата, но не знаеле од каде да најдат пари. Тогаш татко __ се сетил дека брат __ ___ должи три илјади денари и дека тие пари ќе бидат доволни.

 

Scroll to Top