Глаголско време

Време е граматичка категорија кај глаголите.
Времето го изразува временскиот однос на вршењето на глаголското дејство спрема моментот на зборувањето. Има три временски плана: сегашност, минатост и идност.
Сегашноста, односно моментот на зборувањето, на некој начин претставува временска разделница меѓу она што се случувало пред тоа, во минатото и она што ќе се случува потоа – во иднината.
Времињата имаат своја основна употреба, но многу често се употребуваат и со поинакво значење од основното. Ова зависи од пристапот на говорителот од различни временски гледни точки кон соопштуваното дејство.
Во македонскиот јазик ги разликуваме следните времиња:
  • сегашно (Означува дејство што се врши во моментот на зборувањето.);
  • минато определено несвршено и свршено (Искажува глаголско дејство кое се вршело или извршило во минатото во присуство на лицето што зборува.);
  • минато неопределено (Има несвршено и свршено во зависност од видот на глаголот. Означува дејство кое е вршено или завршено во минатото, без притоа да се побудува претстава за одреден момент кога се одвивало. Служи за директно кажување или за прекажување.);
  • предминато (Искажува дејство што се извршило пред некое друго минато дејство.);
  • идно (Означува дејство кое се врши или извршува по моментот на зборувањето.);
  • минато-идно ( Означува дејство кое е идно во однос на некој друг минат момент.);
  • идно прекажано време (Искажува идно или минато-идно дејство кое сами не можеме да го посведочиме.).

 

 


Прочитај повеќе за глаголите на следните врски:

  1. Морфологија – глаголи (матура)
  2. Глаголски групи и раздели
  3. Граматички категории кај глаголите
  4. Именски форми на глаголот
Scroll to Top