Броеви

Броеви се зборови со кои се означува количеството на предметите, било да е тоа точно избројано или само приближно определено.
Броевите стојат до именките, па затоа понекогаш од нив ја преземаат членската морфема, но кај нив нема род и број (освен кај броевите еден и два).
Разликуваме два вида бројност: одредена и приближна.
А. Одредена бројност

 

1. Меѓу броевите што ја изразуваат одредената бројност со своите форми се издвојуваат еден и два по тоа што имаат форми за род.

еден (м.р) една (ж.р.) едно (ср.р)
два (м.р.) две (ж.р.) две (ср.р.)

Бројот еден, освен бројното развил и друго значење, односно се јавува во улога на заменка.
На пр.: Некој човек – еден човек.
Со вакво значење тој образувал и множина.
На пр.: Едни луѓе.

Прости зборови се броевите од еден до десет и бројот сто.

Броевите: нула, илјада, милион, милијарда, билион и сл. се прости зборови, и иако означуваат бројност (количество) тие се однесуваат како именки.

 

2. Од простите зборови по пат на придодавање и срастување се добиени сите други броеви – сложените броеви.

 

а) Десетиците – се добиени со просто прилепување на соодветната единица и бројот десет, но во некои случаи гласот д се изгубил:
дваесет, триесет, четириесет, педесет, шеесет, седумдесет, осумдесет, деведесет.
б) Стотките се различни состави со изведенки од сто:
двесте, триста, четиристотини, петстотини, шестотини, седумстотини, осумстотини, деветстотини.
в) Кон десетиците се придодаваат единечните броеви на два начина:
– од 10 до 19 се сврзуваат со предлогот на:
единаесет, дванаесет, тринаесет, четиринаесет, петнаесет, шеснаесет, седумнаесет, осумнаесет, деветнаесет.
– од 20 нагоре се сврзуваат со и:
дваесет и еден, дваесет и два, педесет и четири, деведесет и девет;
Вакво сврзување имаме и кај броевите од сто нагоре:
сто и еден, двесте седумдесет и пет, осумстотини и два.
3. Зад броевите што завршуваат со еден, именката стои во еднина.
На пр.: сто дваесет и една клупа; илјада и еден човек.
4. Ако именката пред која стои бројот се мисли како определена, тогаш членската морфема ја прима бројот.
На пр.: Врати ми ги стоте денари.
Членот директно се додава на бројот и имаме удвојување на т: петте, деветте, десетте; освен во: шесте.
Стотките се членуваат различно: стоте, двестето (двестете), тристата, четиристотините, петстотините, шестотините, итн. 

Б. Одредена бројност за лица

За означување број на лица од машки род се употребуваат специјални бројни форми изведени од простите броеви: двајца, тројца, четворица, петмина, шестмина, седуммина, осуммина, деветмина;
Овие броеви се членуваат: двајцата, тројцата, четворицата, петтемина, шестемина, седумтемина, осумтемина, деветтемина.

 

В. Приближна бројност

 

1. Приближната бројност обично се искажува така што ќе се сврзат и ќе се изговорат со еден акцент два соседни броја.
На пр.: три-четири, пет-шест.

а) Кај броевите поголеми од 10 во првиот дел оди најчесто само соодветната единица.
На пр.: два-тринаесет, три-четириесет.
Но, кај некои броеви е необично ваквото сврзување, па затоа се изговараат поединечно.
На пр.: единаесет-дванаесет, четириесет-педесет.
2. Од броевите над десет и од бројот сто се образуваат форми за приближна бројност со наставката: -ина.
На пр.: десетина, дваесетина, стотина.
* Правописно обрнете внимание на бројот 6 и броевите изведени од него:
6 – шест (членувано: шесте); 16 – шеснаесет (чл. шеснаесетте); 60 – шеесет (чл. шеесетте); 600 – шестотини (чл. шестотините); за лица 6 – шестмина (чл. шестемина).

Реши ги задачите од написот на следнава ВРСКА.


Прочитај и за другите видови зборови:

 

Менливи зборови се:

1. именки
2. придавки
3. заменки
4. броеви
5. глаголи

Неменливи зборови се:

1. прилози
2. предлози
3. сврзници
4. извици
5. честици
6. модални зборови

Scroll to Top