Почетна » македонски јазик » морфологија » Деловите на зборот

Деловите на зборот

Деловите на зборот што имаат некакво значење се наречени морфеми. Тие се предмет на проучување на морфологијата.

На пример:

МОЛи, МОЛба, МОЛител, МОЛен, заМОЛиме, заМОЛениот, итн.

Сите овие зборови содржат ист дел: МОЛ, кој е носител на значењето.

  • Делот од зборот, кој е носител на значењето на поголема група зборови се нарекува ОПШТ ДЕЛ или КОРЕН на зборот.
  • Деловите што му се додаваат на општиот дел (коренот) на зборот се викаат наставки, а деловите што стојат пред коренот се викаат претставки.

Во примерот можеме да забележиме дека со наставките и претставките сме добиле различни видови зборови:

моли, замолиме – глаголи;

молба, молител – именки;

молен, замолениот – придавки.

  • Кога зборовите ги разгледуваме во рамките на определен вид (именка, глагол, придавка) тогаш, освен општ дел (корен) на зборот, издвојуваме и ОСНОВА на зборот.

На пример, кај именката молба, општ дел е МОЛ, а основа е МОЛБ. Таа во еднина ја има формата МОЛБа (молбата, молбава, итн.), а множинската форма е МОЛБи (молбите, молбине, итн.). Заеднички дел на двете форми е МОЛБ и тоа е основа на именката.

Кај глаголите се разликуваат три дела на зборот: општ дел (корен), основен вокал (самогласка) и наставка.

На пример, МОЛ е општиот дел, И е основниот вокал, а наставки се деловите што се додаваат за означување на време или начин (молам, молиш, моли, молев, молевме, молел, молете, итн.)

Исто така, од примерот забележуваме дека додатоците на општиот дел може да го сменат или да не го сменат значењето на зборот. Според ова, разликуваме:

  • изведбени, зборообразувачки наставки, со кои се создаваат зборови со ново значење;
  • граматички, кои не го менуваат значењето на зборот, туку му даваат само надворешни белези.

Прочитај повеќе за видовите морфеми.

 

 

Задачи:
  1. Образувај нови зборови од зборовите: врти, седи, пее.
  2. Определи го општиот дел (коренот), основата, наставките и претставките во следните зборови: солило, пресолен, соларник, солиме.

 

Одговори:

  1. врти: вртеж, заврти, наврти, одврти, одвртен, вртење, вртејќи, вртлог, навртка, завртка, итн.

седи: седло, седне, седнат, сосед, тросед, двосед, седнува, поседи, доседи, заседна, итн.

пее: пејач, пејчка, песна, пеење, натпее, испее, допее, пееше, итн.

2. солило: сол – општ дел, солил – основа (мноина: солила),

пресолен: сол – општ дел, солен – основа (солена, солени), пре – претставка, -ен – наставка,

соларник: сол – општ дел, -ар, – ник – зборообразувачки наставки, соларни – основа,

солиме: сол – општ дел, и – основен вокал, -ме – наставка.

 


Од темата морфологија прочитај и за:

  1. Морфологија
  2. Делови на зборот
  3. Морфема -видови морфеми
  4. Збороформа
  5. Морфолошка поделба на зборовите

Менливи зборови:
1. именки
2. придавки
3. заменки
4. броеви
5. глаголи

Неменливи зборови:

1. прилози
2. предлози
3. сврзници
4. извици
5. честици
6. модални зборови

Scroll to Top